База на знаење
- Детали Четврток, 24 Март 2011 22:04
Следи листа на најчесто поставувани прашања и одговори поврзани со процедурата на добивање на информации од јавен карактер.
Колкави се трошоците за посредување на информации?
Барателот на информација за добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, плаќа надоместок во висина на материјалните трошоци.
Владата на Република Македонија го утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации.
Имателот на информација висината на надоместокот ја објавува на соодветен начин (во службен билтен на имателот на информацијата, интернет страница, огласна табла и слично) и му ја дава на увид на секој барател пред поднесување на барањето.
Ако барањето се однесува на информација од поголем обем, имателот на информацијата може да бара барателот да го даде однапред надоместокот за покривање на трошоците за добивање на информацијата.
Го одбија моето барање, како да ја започнам жалбената постапка?
Имателот на информацијата во рок од 30 дена може во целост или делумно да го одбие барањето, ако утврди дека бараната информација е информација за која не е дозволен пристап или е дозволен делумен пристап согласно Законот. Ако имателот на информацијата делумно или целосно го одбие барањето, за тоа ќе донесе решение. Против решението со коe имателот на информацијата го одбил барањето, барателот има право на жалба.
Ако имателот на информацијата во рокот од 30 дена не му овозможи на барателот пристап до информацијата и ако не донесе и не му достави на барателот решение се смета дека барањето е одбиено по што барателот може да поднесе жалба.
Жлбата се поднесува до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, односно по изминувањето на 30 дена ако до барателот не е доставено решение.
Можете да ја преземете жалбата адресирана до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап на информациите од јавен карактер.
Комисијата, независен државен орган, со решение ќе одлучи за Вашето барање во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.
Ако барателот не е задоволен од одлуката на Комисијата, има право да поднесе тужба за поведување на управен спор.
Постапката по тужбата се спроведува согласно одредбите од Законот за управен спор.
На кој јазик може да се достави барањето?
Кој е рокот за добивање на информацијата?
Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.
Имателот на информацијата ја дава во бараната форма, освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поповолно за барателот информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување.
Ако на имателот на информацијата му е потребно подолго време од рокот утврден во Законот за да овозможи делумен пристап до информацијата или поради обемноста на бараниот документ може да се продолжи рокот, но најмногу до 40 дена од денот на приемот на барањето.
За продолжувањето на рокот , како и за образложението на причините за продолжување, имателот на информацијата е должен писмено да го извести барателот, најдоцна во рок од три дена пред истекот на 30 дена од денот на приемот на барањето.
Како се пишува и поднесува писменото барање?
Барателот не е должен да го образложи барањето, но е потребно да наведе дека се работи за барање за пристап до информации. Ако според предметот на барањето произлегува дека се работи за барање за пристап до информации согласно Законот, имателот на информацијата задолжително го разгледува барањето во согласност со овој закон.
Кои се правата и надлежностите при поднесување на писмено барање?
Како се поднесува усно барање?
Како се води жалбената постапка?
Барателот има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ако:
(1) Имателот на информацијата во рокот од 30 дена, односно 40, не му овозможи на барателот пристап до информацијата и ако не донесе и не му достави на барателот решение.
(2) Барателот смета дека информацијата со која се запознал не е информација што ја навел во барањето.
(3) Во целост или делумно имателот на информациите го одбие барањето, ако утврди дека бараната информација е класифицирана информација со соодветен степен на тајност, а притоа имајќи предвид на законската обврска на имателот на информациите која се однесува на задолжително спроведениот тест на штетност со кој ќе се утврди дека со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата
Комисијата, како независно тело, со решение ќе одлучи за Вашето барање во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата. Против решението на Комисијата може да се поднесе тужба за поведување управен спор до надлежниот суд.
Кои се должностите на имателите на информации?
- Листа на информации
Имателите на информации се должни редовно да водат и да ја ажурираат листата на информации со кои тие располагаат и да ги објавуваат на начин достапен за јавноста (интернет страна, огласна табла и друго).
Просторија за увид на бараните информациите
Имателот на информации е должен да ја информира јавноста за:
- основните податоци за контакт со имателот на информацијата и тоа: назив, адреса, телефонски број, број на факс, е-маил адреса и адресата на веб страницата;
- начинот на поднесување на барање за пристап до информации;
- прописи кои се однесуваат на надлежноста на имателот на информации, поврзани со регистарот на прописи објавени во службеното гласило;
- предлог на програми, програми, стратегии, ставови, мислења, студии и други слични документи кои се однесуваат на актите од надлежноста на имателот на информации;
- сите повици во постапката за јавните набавки и тендерската документација утврдени со закон;
- податоци од неговите надлежности утврдени со закон;
- организацијата и трошоците на работењето, како и за давањето на услуги на граѓаните во управната постапка и за своите активности;
- издавање на информативни билтени и други облици на информирање;
- интернет страницата за објавување на одлуки, акти и мерки со кои се влијае на животот и работата на граѓаните и
- други информации кои произлегуваат од надлежноста и работата на имателот на информации.
Секој имател на информации е должен да овозможи бесплатен пристап до информациите за кои ја информира јавноста.
Како начини за информирање на јавноста за својата работа, имателите на информации е потребно:
- да ги објават законските и подзаконските акти на официјалната веб страница на институцијата,
- да издаваат соопштенија до јавноста за работи преземени од нивна страна во согласност со законските надлежности,
- да објавуваат статистички податоци за својата работа,
- да ги објават извештаите за работата кои ги поднесуваат до органите надлежни за спроведување контрола и надзор и
- на друг начин предвиден со закон да ги направат достапни сите информации од јавен карактер.
Имателите на информации за да обезбедат слободен пристап до информации се должни за барателите да обезбедат простории за увид во бараните информации и да им укажуваат помош при барањето на информациите во согласност со закон.
Која е функцијата на службеното лице за посредување?
Имателот на информации е должен да обезбеди информирање на јавноста за службеното лице за посредување со информации.
Службеното лице за посредување со информации контактира и ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации, чувањето и давање на информациите.
Повеќе иматели на информации можат заедно да определат едно или повеќе службени лица за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации.
Дали има исклучоци од слободен пристап на информации?
- информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност;
- личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;
- информација за архивското работење која е утврдена како доверлива;
- информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;
- информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;
- информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајки ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата;
- информација од документ што е во постапка на подготвување и се уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината;
- информација за заштита на животната средина која не е достапна до јавноста заради заштита на здравјето на луѓето и животната средина; и * информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот);
Информациите кои не се достапни, стануваат достапни кога ќе престанат причините за нивната недостапност. По исклучок имателите на информации ќе одобрат пристап до информација, ако со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата.
Каде може да се погледне листата на иматели на информации од јавен карактер?
Линк кон листата на иматели на информации од јавен карактер. http://www.komspi.mk/Imateli.aspx?lang=1










