Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Информациите се губат во лавиринтите на обемните ресори

Извор: Катица Чангова / Утрински весник


Одисејата за добивање информации од јавен карактер можеби е најприсутна во министерствата за труд и социјална политика, за одбрана, за внатрешни работи и за транспорт и врски.

Најголемиот број од службените лица не знаат од кое одделение или од кој сектор во институцијата каде што се вработени да побараат податоци за граѓаните. Талкајќи и тропајќи од врата на врата, тие не успеваат да добијат или да комплетираат информација дури ни во законските 30 дена. Одисејата за добивање информации од јавен карактер можеби е најприсутна во министерствата за труд и социјална политика, одбрана, внатрешни работи, транспорт и врски.

Службениците во ресорот што ја покрива сферата на социјалата се први на листата што треба да бидат санкционирани за непочитување на законот. Станува збор за вкупно три прекршочни казни, секоја во износ од 20.000 денари, за кои во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер не знаат дали се наплатени.

„Никој со воодушевување не прифаќа да биде овластениот службеник кој треба да овозможи пристап до информации. Можеби од овие причини се задолжуваат најчесто млади и тукушто вработени, без никакво искуство и знаење. Покрај секојдневните задачи, добиваат и плус дополнителна обврска, да ги информираат граѓаните. Затоа не случајно се губат во структурата на органите и не наоѓаат одговори“. Вака коментираат во Комисијата за слободен пристап, која е најдиректно инволвирана во примената на законските решенија. Оттаму нагласуваат дека проблематично е и честото менување на веќе назначените службени лица за комуникација.

„Постојано ургираме за да дознаеме кое е новото име, контакт-телефон. Затоа инсистираме на промени во законот, што би значеле професионализација на овие работни места“, велат во Комисијата, каде што имаат големи забелешки на донесувањето на законот кој, според нив, во одредени делови е со аматерска содржина и со неиздржани дефиниции, особено во жалбената постапка.

Дека Министерството за труд има несериозен пристап во спроведувањето на законот низ конкретни примери констатира и Хелсиншкиот комитет во еден од своите последни извештаи. Комисијата за слободен пристап во два наврата донела решенија со кои го задолжува ресорот да обезбеди две информации. Првата за висината на релативната линија на сиромаштија во парични средства на годишно ниво, односно поединечно за секоја година од 2000 наваму, а втората била барање за увид во списоците во кои се евидентирани граѓаните на кои им е одобрена еднократна парична помош во периодот од последното тримесечје на 2002 година.

Во периодот од 1 јули до 30 септември годинава, како што на својата веб-страница објави Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, биле поднесени вкупно 56 жалби. Согласно со законските обврски, Комисијата донела 26 решенија.

Инаку, надлежната Комисија одлучи да информира за сите покарактеристични предмети, односно поднесени жалби, како и да ги презентира донесените решенија и заклучоци.