Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Информациите и натаму остануваат тајни

Извор: Катица Чангова / Утрински весник 

Владата на Македонија цели осум месеци одбива да и' ги презентира на јавноста фотокопиите од договорите за продажба на рафинеријата ОКТА и „Македонски телекомуникации“.

Не помагаат ни ургенциите ни тужбите кои ги поднеле граѓаните барајќи го правото за увид во работењето на првата постава од извршната власт. Администрацијата во Кабинетот на Никола Груевски го игнорира барањето на граѓаните да ја видат со свои очи владината одлука за поделбата на „Електростопанство на Македонија“ на ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН-ЕСМ.

По неколкумесечно тактизирање како да ги откачи упорните баратели на одлуката, Генералниот секретаријат на Владата ги препраќа за информација до број на „Службен весник“ од 2004. Но, погодете од прва, таква информација таму не е објавена, туку постои само одлука со која се потврдува планот. Владата го известила заинтересираниот граѓанин дека не располага со информација колку средства се предвидени во буџетот за една од најскапите кампањи „Инвестирај во Македонија“ кога се знае кој носи одлука за таква крупна работа.

Ова е само потврда дека тајните информации и натаму си остануваат тајни. Институциите не ги фермаат граѓаните и се' уште играат мижитатара со оние кои плаќаат за нивните услуги. Силно заразени од вирусот молчење, не сфаќајќи или не сакајќи да сфатат дека времето ги прегази во нивните размислувања од минатиот век, одбиваат да ги отклучат предметите со информации. Со сите можни тактики централната и локалната власт потврдуваат колку кај нас е безначајно владеењето на правото и правната држава, на што постојано предупредуваат меѓународните фактори, нагласуваат одговорните во Институтот отворено општество, кои направија обемно истражување за имплементацијата на Законот за пристап до информации.

Таканареченото премолчено одбивање е неуспех на јавните органи да одговорат на каков било начин на барањата за информации. Ова претставува евидентно кршење на правото на пристап до инфомации со кои располага државата. Загрижува фактот што речиси половина од барањата не добија никаков третман од јавните органи, бидејќи поднесените барања се однесуваат на информации кои ги поседуваат институциите или треба да ги поседуваат.

Во ФИОМ нагласуваат дека премолчените одбивања ефикасно ја отуѓуваат јавноста од власта и ги деградираат граѓаните, давајќи им улога на периодични избирачи. Властите ја ограничуваат можноста да бараат одговорност од јавните органи и да се вклучат во процесите на донесување одлуки. Овие одбивања ја поткопуваат довербата во власта и поттикнуваат атмосфера во која јавноста го мисли најлошото за работењето на државните органи. Всушност, премолчените одбивања прават ѕид од тишина, овозможувајќи на тој начин да цветаат корупцијата и лошото работење.

Не одговараат воопшто или даваат одговори во кои ништо не кажуваат, токму вака се однесуваат министерствата, јавните претпријатија, општините кога граѓаните ќе им побараат информации. Граѓаните се соочуваат со три главни проблеми: неможност воопшто да поднесат барање, неможност да го најдат службеното лице кое треба да ги прими барањата и инсистирање од службениците да ги образложат причините за потребата од информации. Поигрувањата со нервите на граѓаните се случуваат дури и за рутински барања. На пример, министерствата за одбрана, правда и за образование ги кријат стратегиските планови за 2007 година. И по тужба, односно уважена жалба, не се добиваат податоци.

Ниту една од државните институции не е расположена да даде податоци колкави се примањата на членовите на управните и на надзорните одбори, а за да не бараат такви информации граѓаните се условуваат со нереално високи трошоци.

Агенцијата за електронски комуникации не открива ниту колкава е „платата“ на членовите на Агенцијата, но не кажува и каква е нивната стручна подготовка. Општинската администрација на Бутел има ненормално висока тарифа за информација околу надоместоците на советниците, чини 9.000 денари. Има и апсурдности. На барање за анализа на квалитетот на водата, барателот добил известување дека прво треба да си го плати долгот за вода, па потоа ќе добиел информација.

УЈП не одговара колку кривични пријави за корупција и организиран криминал се поднесени во 2007, Централниот регистар ја крие листата на агенции кои даваат консултантски услуги, Врховниот суд не одговара колку општи седници се одржани во 2006... Најголемиот број од политичките партии молчат за донаторите и за финансиското работење. ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-НП, ДПА, ДУИ и ДОМ не даваат информации за регистарот на донации.

Зошто ти е информацијата, кој си ти, каде живееш, што работиш. Токму во ваков полициски манир се однесуваат некои институции од кои граѓаните побарале одговори. Службените лица од Државниот завод за статистика со низа прашања го испитувале граѓанинот зошто му е потребна информација, дали е студент, дали му е тоа потребно за студентски активности. Бирото за лекови оди и чекор понатаму, освен што инсистира на тоа зошто е информацијата за годишниот извештај, граѓанинот добил и телефонски повик за да се открие кој е предметот на неговото интересирање.