Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Партиите да кажат кој им го полни чекмеџето

Преземено од Дневник

Меѓународен ден на слободниот пристап до информации

Дури 110 жалби против политичките партии стигнале до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации во изминатата година. Комисијата заклучува дека големиот број жалби поднесени против политичките партии се должи на нивната затвореност кога станува збор за финансиите и финансиските извештаи по основ на донации, како и на непознавањето на оваа правна регулатива. Но за информации не се затворени само партиите, туку и институциите. На ова се потсетува на денешното одбележување на Денот на слободниот пристап до информации.

Познавачите од други земји кои на оваа тема дискутираа вчера, потсетија дека балансот меѓу слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на личните податоци е тежок дури и за правниците.

Бев новинар 12 години. Немав правно знаење. Само здрав разум. Не знам како е во Македонија, но често ни тоа го нема. Вака комесарката за информации на Словенија, Наташа Пирц Мусар, го почна своето излагање на работилница посветена на темата како до избалансирано известување со почитување и на правото на слободен пристап до информации од страна на државните и другите институции задолжени да ги даваат и на правото на заштита на личните податоци.

Во пресрет на денешниот ден на слободен пристап до информации, Комисијата за заштита на ова право информира дека податокот што голем број жалби кои до нив се поднесени од страна на правни лица говори дека многу здруженија на граѓани и фондации го користат Законот за заштитата на ова право како алатка за добивање информации од јавен карактер.

Најмногу жалби против институциите

Од септември лани до септември годинава поднесени биле 313 вакви жалби. Најчесто тие податоци ги користат за одделни истражувања во разни проекти кои се во функција на спроведување на Законот, како и за следење на работата на Комисијата. Не е мал и бројот на поднесени жалби од страна на граѓаните - 96 за истиот период. Во изминатата година повеќе жалби се поднесени против државните институции, вкупно 196, отколку против општините, здравствените организации и други институции. Во чест на Меѓународниот ден на слободниот пристап до информации - 28 Септември, под мотото „Имам право да знам“, вчера Комисијата, во соработка со Експертската мисија преку ТАИЕКС -програмата, организираше работна средба на тема „Прекршочната постапка и спроведувањето на прекршочните одредби од Законот за слободниот пристап до информациите од јавен карактер“.

Принцезата од Монако добила случај на суд

Словенечката комесарка Наташа Пирц Мусар објаснува дека законодавството и политичарите треба да им помогнат и на новинарите и на Комисијата со добри закони за да се дојде до баланс. Интересен е одговорот на прашањето што е приватност.

- Секој случај е посебен. Новинарите мора да го проценуваат по сопственото искуство и процена што јавноста треба да знае. Има неколку круга на приватност. Во првиот круг спаѓа приватноста на домот, она што ни се случува во тоалетот, спалната... таму каде што може да се влезе само со судски налог. Вториот круг е надвор од дома. Приватноста на плоштади не е исто како онаа во шума, да кажеме. Но, мора да се раздвои и кој има помалку право на приватност. Политичарите, пејачите, спортистите, актерите... тие се јавни личности со помалку приватност. Дали ако јас се испијанам на јавно место, дали ако тоа негде се објави, имам право на отштета? Па јас сум јавна личност. Има пресуда во Германија во корист на принцезата од Монако која јавно побарала да има приватност, а била сликана од папарацо со својот љубовник во кафуле. Има и релативно јавни личности, на пример Сузан Бојл, која кога настапи на шоу за таленти стана славна преку ноќ и веднаш потоа стана апсолутно јавна личност. Во третиот круг спаѓаат информации за лични податоци и приватноста на комуникациите. И тука има разлики меѓу јавни личности и обични граѓани. Јавните личности и тука имаат помалку право на приватност, па може да им се објавуваат името, висината на платите, но мора да се почитува правилото на сразмерност, баланс, па треба да се внимава. Дали е потребно да се објавуваат нивните адреси, телефонски броеви, колку и кои му се децата? - прашува таа.

Свен Хермешмит, правник во Сојузната комисија за заштита на податоците и слободата на информирање на Германија, вели:

- Германија има долга култура на криење на информации. До 2006 година секоја информација со која располагаа јавните органи беше тајна ако не постоеше посебна одредба таа да може да се обелодени. Сега секоја таква информација мора да е јавно достапна, освен ако не е како исклучок наведено дека е тајна. Во повеќе од 90 отсто случаи преовладува правото на заштита на лични податоци во однос на правото на слободен пристап до информациите - вели тој.

И Меркел добила пресуда да објави информација

Премиерката Ангела Меркел организираше официјална вечера за формирањето на Дојче банк, раскажува Свен Хармешмит од германската комисија.

Меѓународен ден на слободниот пристап до информации
- Медиумите сакаа да дознаат кои менаџери од кои банки се поканети. Комисијата рече дека треба да е достапен податокот бидејќи премиерката е јавна личност и тоа е дел од нејзините официјални активности. Сепак, кабинетот на премиерката одби да ги обелодени тие информации. Дури откако Управниот суд пресуди, имињата на поканетите мораа да бидат објавени. Новинарите во Германија потребните информации од државните институции ги добиваат користејќи го законот за медиуми (односно за печатот), каде што има помалку исклучоци што е тајна. Меѓутоа, новинарите мора да внимаваат податоците што ги добиваат да не ги користат неправично за да не повредат нечие право на приватност. На пример, во случај на сообраќајна несреќа не смее да се објави името на учесниците, освен ако не станува збор за јавни личности. Или ако некој е во затвор 30 години, медиумите не смеат да го повторуваат неговото име бидејќи почнал процесот на негова ресоцијализација - објаснува тој.

Натали Н. Сотировска