Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Политичките партии не сакаат да зборуваат за своите пари

tm foomПолитичките партии во Македонија се нетранспарентни во нивното финансирање, а институциите овластени за регулација на финансирањето многу слабо ги спроведуваат законските норми. Ова се генералните забелешки од тркалезната маса одржана на 15-ти февруари, каде што беше претставен годишниот Извештај за транспарентност во финансирањето на политичките партии, издаден од Транспарентност Македонија (ТМ) и Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ).

За потребите на Извештајот биле испратени 224 барања за добивање информации до 55 политички партии, како и до сите инволвирани субјекти кои се задолжени за регулација на финансирањето на политичките партии. Меѓу другото, од политичките партии на увид биле побарани и годишни финансиски извештаи за 2010 година, како и извештаи за финансирање на изборната кампања.


Според Предраг Трпески, професор на економскиот факултет, Македонија, по регулација на финансирањето на политичките партии, се наоѓа меѓу петте најдобро рангирани држави во Европа. Но, и покрај добрата регулација, заради партизираност на институциите задолжени за контрола на финансирањето, како и заради фактот што нивниот состав често се менува по партиски директиви, во Македонија  се уште постојат коруптивни елементи во финансирањето на политичките партии.

Дека финансирањето на политичките партии е имуно на санкции, потврди и професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски. Според Тупанчевски, по последните предвремени избори, била донесена една судска пресуда, а најавена е и една кривична пријава, за неправилности при финансирањето на политичките партии. Тоа, според Тупанчевски не е доволно. „Постојат неколку неправилности во финансирањето, кои правно може да се санкционираат. Првата форма на неправилност е за неподнесување на извештаи. Втората е ненаведување на изворите на финансии и третата е пречекорување во потрошената сум. Сите знаеме дека овие неправилности во финансирањето биле чести појави кај политичките партии особено по завршување на изборите“ заклучи Тупанчевски додавајќи дека би било пожелно да се направи едно ново и независно тело кое ќе може да ги санкционира неправилностите.

tm foomЗа Ванчо Узунов пак, финансирањето на политичките партии е синоним за корупција и злоупотреба, бидејќи секој донатор на некоја политичка партија очекува „оплодување“ на донираните финансиски средства, односно привилегии доколку политичката партија дојде на власт. Според Узунов, класична злоупотреба се и државните субвенции кои многу лесно можат да се трансформираат во донации од приватни лица.

На тркалезната маса учествуваа повеќе интелектуалци од областа на правото, економијата и политичкиот систем, чиј заеднички заклучок беше дека под итно се потребни промени во Законот за финансирање на политичките партии, бидејќи сегашниот правен механизам не функционира.

Преземете го извештајот (.pdf)

Медиумите за тркалезната маса „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“: Алфа ТВ, Фокус и Дневник.